Киву: Тешко е да говорите за тактика кога противникот се брани со десет во шеснаестникот

Кристијан Киву стигна до првата победа како тренер на Интер откако „нероаѕурите“ го совладаа тимот на Урава со 2-1, со пресврт во последните пет минути.

Очигледен е сериозниот пад во играта на италијанскиот гигант по поразот во финалето од ЛШ и заминувањето на Симоне Инзаги, а пред Киву е сериозна работа да го крене заспаниот џин во наредните месец и половина, до стартот на новата сезона.

„Тешко е да говорите за тактика кога противникот ви се брани со десет фудбалери во својот шеснаесетник. Ми се допаѓа што бевме трпеливи, што игравме широко и чекавме шанса… најмногу од се ми се допадна карактерот, се боревме до последната секунда, не престанавме да веруваме во себе. Момците дадоа се од себе и на крајот тоа ни се исплатеше“, изјави Киву.

Стрелец на победничкиот погодок беше Валентин Карбони, кој се најде на вистинското место по една одбиена топка и ја смести топката во мрежата во судиското продолжение.

„Среќен сум за Карбони, најмногу поради фактот дека ова му беше прв меч по тешката повреда на лигаментите на коленото и веднаш остави печат. Сепак, среќен сум и за Пио Еспозито, за Сучиќ и за Луис Енрике, на кои ова им беше прв меч во дресот на Интер“, прокоментира стратегот на „нероаѕурите“.

Се вчитува...