Ракометарите на Вардар се пласираа во четвртфиналето од СЕХА-лигата откако денеска славеа и на вториот осминафинален дуел со Металопластика, овојпат со резултат 26-23, за место во следната рунда каде „вардарци“ ги очекуваат пресметки со Загреб. Во главна улога беше голманот Марко Кизиќ, кој бранеше брилијантно во текот на денешниот натпревар, проштален за него од Вардар откако младиот чувар на мрежата веќе го договори следниот чекор во кариерата – преселба во таборот на Еурофарм Работник.
Гостите од Србија изненадија со подобра игра на самиот почеток, во кој Металопластика поведе со 1-7. Гостинскиот состав имаше 2-8, но штом Кизиќ влезе во ритам експресно беше стопена негативата на македонскиот шампион. Вардар уште пред крајот на полувремето направи целосен пресврт и на одмор замина со водство од 14-11, со голот што го постигна капитенот Стоилов во 30. минута. Вардар на самиот почеток од вториот дел поведе со 17-12, по што рутински ја одржуваше предноста до конечните 26-23.
Кизиќ го заврши натпреварот со вкупно 17 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Дибиров и Шеваљевиќ со по пет гола, додека Иван Чупиќ во својот последен меч во црвено-црниот дрес постигна четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА