Еурофарм Пелистер го одбрани трофејот во Супер-купот на Македонија откако во вечерашниот дуел во Охрид славеше над Вардар со минимални 23-22. Херој на битолчани беше голманот Марко Кизиќ, кој влезе во игра во финишот и донесе пресврт со неколку одлични интервенции, меѓу нив и последните две во завршните две минути кога го запре одличниот Филип Талески.
Дуелот почна со израмнета игра, со цврсти одбрани на двете страни. Вардар ги контролираше почетните минути од натпреварот, „црвено-црните“ имаа предност од 1-0, 2-1, и 3-2, за нешто подоцна да стигнат и до два гола позитива (5-3). Тоа беше знак за будење на битолчани, Лесјак влезе во ритам на голот, па Еурофарм се врати со три гола во низа и прва предност на натпреварот од 5-6. „Вардарци“ одговорија со два гола на Куни Моралес и водство од 7-6, но Пелистер повторно го наметна своето темпо и за момент стигна до водство од два гола (8-10 и 9-11). Актуелниот првак беше подобар во завршницата на полувремето, стигнувајќи до израмнети 12-12, резултат со кој се замина на одмор.
Второто полувреме почна во знакот на Еурофарм Пелистер, битолчани набрзина постигнаа три гола и го принудија Недановски веќе во 34. минута да побара тајмаут (12-15). Карапалевски погоди за Вардар веднаш по тајмаутот, „црвено-црните“ заиграа поцврсто и во одбраната, по што Манасков маестрално реализираше за израмнување од 15-15. Вардар поведе со 17-15, но по тајмаутот на Валтер битолчаните веднаш стигнаа до израмнување од 17-17.
Двајцата тренери се решија за промени на голманската позиција, Борко Ристовски застана на голот на Вардар, додека Кизиќ го замени Лесјак кај Еурофарм Пелистер. Битолчани направија почетничка грешка при измена, па по добиеното исклучување на Вилсон Вардар набрзина постигна два погодоци преку Талески, за водство од 20-18. Ѓукиќ не реализираше зицер при 21-19, по што Еурофарм се врати и преку Пешевски израмни на 22-22 на помалку од пет минути до крајот. Во следните четири минути не беше постигнат погодок, пред Суси да реализира за 22-23 за Еурофарм Пелистер на 50 секунди до крајот. Недановски побара тајмаут, no Вардар не успеа, Кизиќ вторпат во последните две минути го запре Талески и им го донесе пехарот на битолчани.

Хосни со седум гола беше прв стрелец на победничкиот тим, пред Пешевски и Суси со по четири погодоци, додека Филип Талески со десет погодоци беше убедливо најефикасен во таборот на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

