Џорџо Кјелини објави дека ја завршува кариерата и дека е подготвен за нов предизвик во светот на фудбалот, по што беше најавено дека легендарниот дефанзивец ќе се врати назад во Јувентус, клубот кадешто мина 18 години од својата блескава играчка кариера.
Поранешниот репрезентативец имаше неколку рунди разговори со челниците на Јувентус, се дискутираше за неколку различни функции, но Кјелини изненади со одлуката на крајот да ја одбие „старата дама“ и да прифати поинаков предизвик. Како што денеска беше објавено, Кјелини ќе остане во тимот на Лос Анџелес ФЦ каде што и ја заврши кариерата, но како помошник на стручниот штаб на тренерот Стив Шерундоло.
„Благодарни сме му на Џорџо што ги мина последните 18 месеци од кариерата како играч токму во нашиот клуб. Исто така, горди сме што тој денеска потпиша договор со кој останува во Лос Анџелес, во една поинаква улога. Тој ќе работи со тренерот Шерундоло и ќе помага во развојот на нашите фудбалери од првиот тим“, објави генералниот менаџер на Лос Анџелес ФЦ, Торингтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

