Kjeлце подобар од Колштад, Веспрем без проблеми против Фредериција

Ракометарите на Кјелце стигнаа до голема победа во борбата за нокаут фазата во Лигата на шампионите откако вечерва на домашен терен славеа против Колштад со 31-30 во 10. коло од новата сезона.

Домаќините во текот на целиот меч го контролираа резултатот се до последните пет минути кога гостите во неколку наврати стигнуваа и на минус еден, резултат што беше активен и на шеесет секунди до крајот на мечот (30-29). Сепак, избраниците на Талант Дујшебаев некако успеаја да се одбранат и да стигнат до голема победа во борбата за осминафинале. Алекс Дујшебаев и Морито со по шест гола беа први имиња кај Кјелце, додека во таборот на Колштад Сагосен заврши исто така со шест гола.

Во вториот меч од програмата во 18.45 часот Веспрем без проблеми славеше на гостувањето кај Фредериција со 31-40. Недим Ремили со десет гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените се истакна поранешниот ракометар на Пелистер, Реиниер Табоада кој постигна седум гола.

Се вчитува...