КК Ангели до Перо Антиќ: Повеќе занимавај се со кошарка, помалку кафански муабети

Раководството на КК Ангели ги отфрла како лажни обвинувањата на претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, кој тврди дека првиот човек на овој клуб заедно со Петар Наумоски и со Будимир Јоловиќ се упатил во просториите на АМС, за таму да биде дел од дискусиите за наводни промени во „куќата на кошарката“.

Првиот човек на клубот, Благоја Кечовски, потсетува на неколку неправди што Антиќ како претседател ги направил кон него и кон КК Ангели, воедно и најавува дека како клуб ќе поднесе тужба за клевета против актуелниот претседател на КФСМ. Соопштението на КК Ангели го пренесуваме во целост:

„Длабоко сме разочарани од интервјуто на председателот Антиќ и од неговите лажни обвинувања, особено кога се знае дека ние бевме еден од ретките клубови кој го подржувавме и гласавме за него на последното собрание. Клубот КК Ангели веќе 15 години опстанува на Македонската Кошаркарска сцена и е ризница за многубројни таленти и репрезентативци.

Клуб кој секогаш се натпреварува не само во сениорски туку и младински конкуренции и секогаш имал одлични релации со КФСМ. За нас е несфатлив и крајно разочарувачки односот на Председателот Антиќ кој во неколку наврати намерно му нанесува штета на нашиот клуб.

Во рок од една година прво бев разрешен од селектор без никакво образложение, па потоа тргнат како тренер од спортската академија иако имам магистрирано на тема кошарка и сум докторант на Факултетот за физичка култура спорт и здравје, но најголемата штета ја претрпевме кога на дадената покана и шанса да бидеме дел од првата лига и обезбедените материјални средства и играчки кадар и подршката од сите прволигаши (на официјален нивни состанок) без објаснување и со условувања да играме си некој ,,вондреден бараж” надвор од пропозициите и актите на Кфсм од моменталното раководството на кфсм ни беше одземена шансата за игра и со банални дописи бевме вратени во втората лига иако добивме покана потпишана од комесарот и председателот Антиќ.

Обвинувањата за заговор против Антиќ се крајно неосновани и смешни и сметам дека доколку не ни се извини како клуб за овие обвинувања ќе поднесеме тужба за клевета кон него. А на него му порачуваме што помалку да се бави со празни кафански муабети и обвинувања, а што повеќе со кошарка зошто што со неговиот кафански пристап ја донесе кошарката на самото дно од каде што тешко ќе се вратиме.

А ние како клуб секогаш ќе работиме за доброто на кошарката и како до сега стоиме на располагање на нашата матична федерација.

Искрено,

Благоја Кечовски – КК Ангели

Се вчитува...