КК Пелистер: Вината не е во управата, се јавивме и во амбасада, на кошаркарот му недостигаше документ….

Раководството на КК Пелистер преку соопштение ги објаснува околностите поради кои Американецот Карпентер не може да биде со тимот на АБА2 завршниот турнир во Словенија.

Битолчани потврдуваат дека се соочуваат со проблеми околу регулирањето на престојот на еден од своите најдобри кошаркари, но и потенцираат дека вината не треба да се бара кај нив како управа, туку кај кошаркарот поради некомплетната документација со која пристигнал во Македонија.

„Како клуб сакаме да искажеме свој став за неиграњето на нашите играчи на претстојниот АБА2 турнир. Маслинко е повреден, Карутерс исто така се жалеше на  повреда на последниот меч, додека Карпентер не успеа да ги обезбеди потребните документи на време. Ние како управа немаме никаква вина, бидејќи кошаркарот и неговиот агент беа навремено известени за тоа кои документи треба да ги носи со себе при влезот во Македонија. Беше известена и американската амбасада, од каде добивме одговор дека американските државјани при доаѓањето во нашата земја се должни да знаат кои документи да ги носат за да добијат дозвола за престој. Конкретно, единствен документ кој е релевантен е оригиналниот документ од Министерството за Правда на САД, што Карпентер не го поседуваше. Ние ги презедовме сите потребни чекори, пративме и барање до Министерството за правда на САД, но бидејќи процедурата е долга, документите се уште не се пристигнати“, се вели во соопшението на битолчани.

Се вчитува...