Македонската кошаркарска федерација во текот на вчерашниот ден го обелодени извештајот по извршените инспекции на домашните спортски сали, по кои е утврдено дека три сали не ги исполнуваат минималните услови за одигрување натпревари.
Меѓу нив и малата сала во СРЦ „Кале“ во Скопје каде како домаќин своите натпревари ги игра КК Работнички. Сето тоа ги револтираше во таборот на тимот од Градски парк од каде прашуваат како е можно по 13 одиграни кола да се констатира дека салата не ги исполнува условите, и дали во еден таков случај тогаш македонското првенство е нерегуларно бидејќи веќе се одиграле 13 кола на терен кој не ги исполнува условите за игра?
СООПШТЕНИЕТО ОД КК РАБОТНИЧКИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Со ова соопштение сакаме да ја запознаеме македонската јавност за актуелните случувања во македонската кошарка која го допре дното под водство на В.Д. во заминување Перо Антиќ. На собранието на Кошаркарската федерација на Македонија кое што беше одржано на ден 18.12.2024 г. му беше изгласана недоверба на актуелниот В.Д. со 36 гласа против и само 7 за негово останување. Се поставува логично прашање, од каде го црпи легитимитетот за функцијата која што ја врши и до кога мисли да ја силува македонската кошарка?
Да ја потсетиме јавноста дека на претходното собрание кое што беше одржано во март 2023 година, дотичниот беше реизбран на функцијата претседател со помош на своите најблиски роднини и пријатели. Записникот од тоа собрание, долго време се криеше од очите на јавноста бидејќи како што бевме сведоци од медиумите, таму се појавија неговите најблиски како преставници на најголемиот дел од кошаркарските клубови кои што му го продолжија мандатот за нови четири години.
За фарсата да биде поголема вршителот на должност, мртов ладен, одлучи да ги менува правилата на кошаркарската игра. Тој, во сред сезона, прати инспекција во салите за да констатира дека теренот на малата сала Кале во која што од неодамна настапува КК Работнички не ги исполнува условите за игра, односно теренот ги нема соодветните димензии според ФИБА кошаркарските правила.
Го прашуваме нелегитимниот, како до сега салата ги исполнуваше условите според ФИБА стандардите, а веќе не ги исполнува после 13 одиграни кола? Дали тоа значи дека македонското кошаркарско првенство е нерегуларно бидејќи веќе се одиграле 13 кола на терен којшто не ги исполнува условите за игра?
Го повикуваме Министерството за спорт на Република Македонија да ја провери регуларноста на македонското кошаркарско првенство и во иднина да не дозволува на вакви себепрогласени шерифи да ја држат во заложништво македонската кошарка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

