КК Работнички: „НЕ“ за дискриминацијата во спортот!

Кошаркарскиот клуб Работнички застана во заштита на својот играч Маркус Гинјард кој доби навреди на расна основа во центарот на Скопје. Соопштението на КК Работнички го објавуваме во целост.

Почитувани,

Во врска со вчерашниот немил настан во кој нашиот играч Маркус Гинјард беше погрдно навредуван и провоциран на расна основа во централното градско подрачје од страна на непознати лица, КК Работнички АД Скопје најостро ги осудува ваквиот примитивизам, недолично однесување и дискриминација според бојата на кожа во 21 век.

Нашиот клуб отсекогаш бил и ќе биде против навреди и поделби на расна, верска, етничка и политичка основа во, но и надвор од спортските терени. Особено, не треба да дозволиме да се врши дискриминација по ниту една основа на спортисти и спортски работници кои вложуваат знаење, способност и енергија за развој на македонската кошарка и македонскиот спорт, воопшто. Со вакви поделби губиме сите, за жал.

КК Работнички АД Скопје никогаш не ги поддржувал и нема да ги поддржи ниту националистичките пораки што ги упатуваат во спортските арени т.н. љубители на спортот. На таквите, местото не им е трибините.

Затоа, ги повикуваме сите кошаркарски клубови и целата спортска јавност да ги осудат сите оние лица што прават дискриминација според расна, верска, национална, етничка и политичка припадност и заеднички да придонесеме за повисока свесност кај граѓаните и љубителите на спортот и кошарката, и да кажеме гласно „НЕ за дискриминацијата. НЕ за дискриминацијата во спортот“.

Со почит,

КК Работнички АД Скопје

Се вчитува...