Кошаркарите на Вардар ја запишаа својата прва победа сезонава во плеј-аутот од Првата македонска кошаркарска лига триумфирајќи во драматична завршница над Шкупи со 87-85 благодарение на поените на Христијан Настовски во последните секунди од средбата.
Со оваа победа „вардарци“ во одредена мера ги повлекоа чаирчани со себе кон втората лига, но сето тоа мина и во сенка на скандалозниот инцидент кој се случи веднаш по крајот на средбата.
По стартна вербална расправија а потоа и физичка пресметка меѓу членови на стручните штабови на двата тима, следеше масовно вклучување во тепачката и на останатите актери од двата табори. Членовите на двете екипи влегоа во судир, кој за среќа набрзо се смири без потешки последици…
Денеска со свое соопштение излегоа од клубот од Чаир кое ви го пренесуваме во целост:
„Kому му пречи КК Шкупи? Во Македонија, кошаркарскиот клуб Шкупи се соочува со континуирана неправда. И покрај посветеноста и успехот на теренот, се чини дека некој го попречува растот и јакнењето на овој горд клуб. Врвот на неправдата се случи на последниот натпревар од Првата лига, каде покрај неправедниот притисок од судиите во текот на целата сезона и катастрофалното судење кое не изостана на натпреварот со Гостивар на кој нашиот тим беше украден и ѝ беше одземена победата. Но, не завршува тука, од напред знаевме дека и на овој меч против Вардар ќе имаме исто сценарио, но се случи невиден напад од страна на целиот тим на КК Вардар на чело со тренерот Јованчев, кој е селектор на репрезентација.
Тој се дрзна со своите играчи и дел од тренерите да нападнат двајца наши членови. Замислете 14 против двајца каде имаше и сцени на брутално насилство. Сето ова се случуваше пред припадници на МВР кои едноставно гледаа без да се обидат да спречат линчување.
Кој го попречува успехот и посветеноста на КК Шкупи? Зошто неправдите и провокациите се зголемуваат секој пат кога нашиот клуб прави чекори напред?“, стои во соопштението на КК Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА