Кошаркарскиот клуб Вардар минатата сезона испадна од елитното друштво, но тоа не го намалува ентузијазмот кај челниците и тренерите на „црвено-црните“, кои се решени да продолжат да инсистираат на македонски проект во кој шанса ќе добиваат младите домашни играчи. „Вардарци“ веќе имаат поднесено и барање за проширување на лигата и нивно враќање (заедно со Пелистер) во Првата лига, но дури и доколку тоа не се случи „црвено-црните“ ќе останат на принципите што ги восопставија во изминатиот период.
„Прославивме 70-годишнина на клубот, желба ми е Вардар да оди напред и во следните 100 години. Остануваме на нашата стратегија на која сме горди и не отстапуваме од неа, без оглед на случувањата во кошарката и големиот пад на репрезентативното ниво. Ние сме клуб со сопствена сала и со инфраструктура, организација со млади тренери и талентирани деца. Ние ќе одиме напред, но бараме да се реши проблемот што дефинитивно владее во македонската кошарка“ – вели претседателот Владо Воиновски.
Првиот човек на КК Вардар има и своја идеја за излез од големата криза, за што предлага целосна забрана за настап на странски кошаркари во Првата лига.
„Решението за проблемот во македонската кошарка го гледаме во два дела, првиот е статусот на клубовите. Јас тоа го велам подолго време, не може клубови да се акционерски друштва, и тоа со капитал од општините. Потоа општините народните пари да ги даваат на странски кошаркари и тоа така да се одвива со години. Ако клубот е приватна сопственост може да прави што сака, но оние што се со државен капитал мора да ги трошат парите наменски, за развој на македонската кошарка. Екипите од првата лига мораат да имаат и тим од втора лига, но и екипи од младински категории од У14 до У20. Вториот дел е да се заштити статусот на кошаркарите. Потребна е државна стратегија, дури и извесно време да се забрани настап на странци, нешто што ќе даде резултати гледано на подолг рок. Ние предложивме да нема странци во македонската кошарка во следните три години, идеја што во четири очи многумина ја прифаќаат, но кога ќе стане збор за поширока јавна расправа тогаш ретерираат“ – истакнува Воиновски.
„Вардар продолжува со патот што го оди во сиот овој изминат период, во кој акцент ставаме на македонски играчи и на развој на млади кошаркари. Ние продолжуваме со концептот што е базиран на наша сопствена инфрастуктура, имаме квалитетни и добро обучени тренери. Минатата година бевме дел од силни турнири во Турија и во Италија, имаме квалитетни деца, младите генерации не се проблем, нам проблем ни е генералниот концепт на македонската кошарка. Очигледно каде не донесе досегашниот концепт, време е да се почне од почеток, да се сврти нов лист и да се работи кошарка во една нормална атмосфера“ – додава Зоран Гапиќ.
Доказ за вербата во стратегијата е што Ѓорѓи Кочов останува тренер на првата екипа на „црвено-црните“ без оглед на фактот дека тимот испадна од Првата лига.
„Мој став е дека сезоната не беше толку лоша колку што покажуваат резултатите. Наша цел е да создаваме играчи, секоја година да вадиме по некој нов играч на македонската сцена. Од нашата ланска екипа Робев и Зекири заминаа во Гостивар, додека Митев потпиша за МЗТ Скопје. Тоа ќе ни биде идеологија и во иднина, да создаваме нови кошаркари кои ќе бидат конкурентни за да играат во сите тимови од Првата лига“ – порачува Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА