КЛ7 продолжува со одличните игри во Супер-лигата откако тимот предводен од Андон Бошковски стигна до нов триумф, овојпат на гостински терен против Астраион со убедливи 25-33.
Пресуден беше фуриозниот старт на гостите од Скопје, кои по минималното водство од 2-3 постигнаа пет гола во низа и сериозно се одлепија. КЛ7 имаше и најубедливи „плус осум“ (4-12), по што струмичани почнаа да ја топат негативата. До крајот на полувремето домаќините дојдоа на само три гола разлика (11-14), но Бошковски ги консолидираше своите млади ракометари, кои повторно добија на сигурност во вториот дел и рутински ја задржаа позитивата. Разликата во ниту еден момент од второто полувреме не се спушти под четири гола разлика, па КЛ7 сосема заслужено стигна до својата трета овосезонска победа, со што оваа екипа си ги зголеми шансите за пласман во плејофот.
Буторац со девет гола беше прв стрелец кај победничкиот тим, шест постигна Ѓорѓиев, а пет Гајиќ. Во редовите на Астраион најпрецизен при вечерашниот пораз беше Митко Караиванов со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА