Ракометниот клуб КЛ7, проект на чие чело се наоѓа капитенот Кире Лазаров, експресно ја оствари првичната зацртана цел – што поскоро влегување во елитното македонско ракометно друштво. По вчерашната одлука на УО на РФМ за проширување на Супер-лигата, КЛ7 е еден од шесте прволигаши (заедно со Тиквеш, Прилеп, Астарион, Младост Богданци и Јуниор Кисела Вода) кои се селат во највисок ранг на натпреварување.
КЛ7 се огласи преку соопштение, не криејќи го задоволството од остварената цел, која носи обврска за продолжување со уште понапорна работа во иднина.
„Целта на клубот кој од август 2019 стана нов ракометен субјект во Првата лига, беше влез во Супер лигата преку квалитетен тренажен процес и професионален развој на младите играчи. Стратегијата до која се држи и работи РК “Голден Арт КЛ7” е афирмација на млади македонски талентирани играчи, која покажа резултати во досегашниот дел од првенството.
Со овој чекор напред и учество во најсилната домашна лига ќе се засили и досегашната обемна работа, но и мотив за постигнување на повисоки резултати. Со ангажманот на талентираните млади домашни играчи, максимална посветеност и работа покажавме дека може и мора да се даде можност на нашите ракометари.
Да потсетиме, заради вонредната ситуација во светот а со тоа и во Македонија, РФМ беше приморан да го заврши првенството. При тоа одлучи да нема прогласување на шампион. Сите посакуваме час поскоро животот да се нормализира и спортистите да се вратат онаму каде што припаѓаат, на терен во сала“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА