Новиот ракометен суперлигаш КЛ7 се уште е „тивок“ кога станува збор за засилувањата на играчки план, но тимот од Кисела Вода успеа да го засили стручниот штаб, и тоа со две имиња кои пристигнуваат од актуелниот европски првак Вардар. Станува збор за Димитар Маневски и Билјана Црвенкоска, кои од летово се приклучуваат на проектот зад кој стои капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров.
И двајцата се со големо искуство секој во своето поле на дејствување. Маневски е дипломиран стручен физиотерапевт со специјалност кинезитерапија. Својата работа официјално ја започнува во фудбалски клубови продолжувајќи во ракометот. Најдобар во својата работа, потврда за ова се двете европски титули како и сите освоени медали на домашна и меѓународна сцена. Димитар е дел и од ракометната репрезентација на Македонија а во јавноста е познат како професионалец за пример. Неговиот ангажман ќе биде грижа за здравствениот биланс на ракометарите, присуство на тренинзи и натрпеварувања, давање насоки и инструкции на ракометарите, работа со повредени играчи, учество во рехабилитација заедно со целокупниот докторски тим, припрема за тренажен процес и превенција од повреди.
Билјана Црвенкоска 20 години беше активна ракометарка, репрезентативка, освојувач на лигата на шампиони како дел од стручен тим. Таа ја има највисоката македонска тренерска лиценца, професор е по физичка активност, спорт и фитнес администрација/менаџмент. Силен професионалец кој има сестрана спортска едукација со најголем акцент на ракометот. Нејзиниот ангажман во Голден Арт КЛ7 ќе биде главен тренер на младинска и кадетска екипа како и помошник тренер на Андов Бошковски во првиот тим.
„Голден Арт КЛ 7, во пресрет на новата натпреварувачка сезона и предизвикот наречен Супер Лига, согласно своите стратегиски и развојни концепции темелени на сериозноста на своите инвестициски партнери, а пред се застапувајќи го брендот КЛ7 и неговата големина во светски рамки градејќи го тимот за сезоната 2020/21 како прв преземен чекор е јакнењето на стручниот штаб со два европски шампиони. Прв чекор е носењето на главниот лик во делот на медицината и здравјето и двократниот европски шампион од редовите на Вардар, кој исто така истата задача ја има и во македонската репрезентација, г-динот Димитар Маневски. Второ засилување во нашиот стручен тим на местото прв помошник на шефот на стручен штаб Андон Бошковски е актуелниот европски првак, десната рака на Роберто Парондо, г-ца Билјана Црвенкоска, наша долгогодишна ракометна репрезентативка која исто така беше дел и од тимот на Раул Гонзалез. Со ова сакаме да покажеме дека ние како тим ќе вложуваме средства и максимален напор во стручни капацитети со цел на добивање квалитетни ракометари од македонско производство”, истакна спортскиот директор на КЛ7, Милчо Чакарески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА