Клајверт: Џастин не згреши што го одби Манчестер јунајтед за Рома

Џастин Клајверт имаше одлична сезона во дресот на Ајакс по која младиот холандски офанзивец доби неколку интересни понуди за продолжување на кариерата. Многу конкретен беше Манчестер јунајтед, но младиот Џастин процени дека таму нема да има преголема минутажа, па реши да се пресели во Рома. Горд на неговиот избор е и таткото Патрик Клајверт, кој многу добро знае дека на оваа возраст е неопходно да се игра, па затоа и смета дека Џастин го повлекол вистинскиот потег.

„Многу сум задоволен од тоа како му тргна во Рома. Тој не зборува многу, но Џастин е фудбалер што многу се труди и мотивиран е да покаже колку може. За мене лично ќе беше најдобро ако останеше во Ајакс, но тој ја избра Рома и мислам дека не погреши. Манчестер јунајтед е голем клуб, но скокот во Премиер-лигата ќе беше тежок, а Јунајтед би бил преголем залак во овој дел од кариерата. Рома е голем клуб, но притисокот е многу помал отколку во Манчестер јунајтед“ – истакна Патрик Клајверт.

Џастин беше резерва во првото коло против Торино, но веднаш по влегувањето во игра се покажа во одлично светло, асистирајќи при победничкиот гол за Рома што беше дело на Един Џеко.

Се вчитува...