Кланови кај гигантот: Поделбата Баерн – Дортмунд ја уништува Германија на СП

Германија вечерва се среќава со Шпанија во клучниот меч за „панцирите“ на овој мундијал, на кој пораз ќе значи автоматска елиминација, а реми ќе ги сведе на теорија нивните шанси за пласман во осминафиналето. Шокантниот пораз од Јапонија остави длабока трага врз германскиот национален тим, а весникот „Билд“ открива дека уште пред стартот на СП селекторот Ханси Флик се соочил со сериозен проблем – поделба на кланови меѓу фудбалерите на Баерн Минхен и на Борусија Дортмунд.

Од една страна се наоѓаат Нојер, Милер, Кимих, Горецка, Гнабри, Сане и Мусиала, додека од другата се Зиле, Адејеми, Шлотербек, Брант и Мукоко. Членовите на „милионерите“ не го кријат незадоволството што играчите на Баерн се во преден план во националниот тим, иако игрите и резултатите на Германија во последно време се далеку под посакуваното ниво. Тие ја имаат поддршката и на дел од фудбалерите кои не играат ниту за Борусија, ниту за Баерн, создавајќи му дополнителни проблеми на стручниот штаб.

Дополнителен хаос во целата ситуација внесува фактот дека актуелниот селектор Флик е екс-тренер на Баерн Минхен, кој имаше успешна соработка со играчите на баварскиот гигант пред да го преземе националниот тим.

Притисокот врз Флик е огромен, а германските медиуми најавуваат дека оставката за овој стратег е веќе подготвена, доколку не успее да ја мине групната фаза во Катар. Токму затоа, вечерашниот меч со Шпанија е „да се биде или не“ за предводникот на германскиот национален тим.

Се вчитува...