Глобалниот календар за олимписките спортови ќе мора да се промени поради големите предизвици што ги носат климатските промени. Веројатно тоа ќе биде едно од најзначајните „достигнувања“ на овогодинешното Светско првенство во атлетика, на кое натпреварувачите се соочија со високи горештини, висока влажност и силен дожд кои го нарушија распоредот и ги прекинаа натпреварите. Тоа го соопшти првиот човек на светската атлетика, лорд Себастијан Коу.
Во првите денови од овогодинешното Светско првенство, спортистите беа соочени со временски услови кои секое натпреварување го претворија во натпревар на издржливост. Температурите од над 30 степени целзиусови, придружени со висока влажност, дури и над 90 проценти, им ја отежнаа работата на сите. На последниот ден, финалето во скок во височина за жени беше прекинато двапати поради дожд, а финалето на дискот за мажи беше одложено неколку часа откако започна во речиси невозможни услови.
Себастијан Коу вели дека ќе мора да има реорганизација на календарот. Тој конкретно го спомена маратонот и најави дека постои идеја маратонот всушност да се одржува одвоено од целото првенство токму поради временските услови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

