Клинсман: Короната заврши, укинете го тоа глупаво правило

Јирген Клинсман моментно е без ангажман откако доби отказ од функцијата селектор на Јужна Кореја,но прославениот германски голгетер веднаш по ЕВРО 2024 ги повика ФИФА и УЕФА да го укинат правилото за зголемување на дозволени измени во текот на натпреварите.

Трите возможни замени беа зголемени на пет за време на коронавирусот, правило што се уште е активно на фудбалските натпревари и што според Германецот треба да се врати на старо.

„Короната заврши, треба и фудбалот да се врати. Укинете го тоа глупаво правило, треба да се вратиме на три замени и на екипи од по 23 фудбалери на големите натпреварувања. Разбирам зошто беше донесено ова правило додека траеше кризата од коронавирусот, но сега сето тоа е готово“, прокоментира Клинсман.

Голем дел од тренерите инсистираат да имаат повеќе опции при замените за време на натпреварите, но Јирген Клинсман смета дека тоа им создава само дополнителни главоболки.

„Сега проблемот за нас тренерите е што голем дел од нас веруваат дека со пет дозволени измени, секогаш можете да уфрлите „свежи нозе“ на теренот. Јас сепак верувам дека играч во кого верувате, дури и доколку има „изморени нозе“, сепак може со еден потег да направи разлика на теренот“, објасни поранешниот селектор на Германија, САД и на Јужна Кореја.

Се вчитува...