Клиперси без одговор за канадските „рептили“

Торонто мораше да настапи без повредениот Каваи Ленард, но и без помошта на својот најдобар играч „канадските рептили“ му одржаа лекција на тимот на ЛА клиперс, совладувајќи го на гостински терен со 99-123. Клиперси одиграа катастрофално во одбраната, па убедливиот пораз беше неизбежен. Серж Ибака беше во преден план со 25 поени и девет скокови, Лаури реализираше 21 поен за Торонто, а одличен настап имаше и Фред ван Влет, кој доби шанса во стартната петорка наместо Ленард и го заврши мечот со 14 асистенции.

Хјустон конечно доби пресметка со директен ривал од Западната конференција откако „ракетите“ го совладаа тимот на Портланд со 111-104. Кошаркарите на Хјустон имаа седум порази во последните девет средби, но овојпат најдоа начин да стигнат до триумф, благодарение на одличниот Харден и неговите 29 поени, но и трипл-даблот на Крис Пол од 11 поени, 11 скокови и 10 асистенции.

Сан Антонио со убедливи 111-86 го доби дуелот со Феникс санс, зголемувајќи ја мизеријата на тимот предводен од Кокошков, кој на стартот од сезонава има очаен скор од 4 победи и 24 порази.

Резултати НБА:

ЛА клиперс – Торонто 99-123, Сан Антонио – Феникс 111-86, Хјустон – Портланд 111-104.

Се вчитува...