Кливленд славеше против Сакраменто на домашен паркет во синоќешниот меч од НБА лигата потешко од очекувањата со 101-95.
Леброн Џејмс блескаше во триумфот на Кливленд со 32 поени, 11 скока и 9 асистенции, од кои постигна пет врзани поени во последните 90 секунди од мечот кога се решаваше победникот. Најдобро го следеше Кевин Лав со 18 поени и 13 скока.
Во поразениот тим најдобар беше Зек Рендолф со 18 поени, 10 скока и 6 асистенции, а Бади Хилд постигна 17 поени.
Кливленд со оваа победа, 13-та во низа, го израмни клупскиот рекорд по бројот на едноподруго победи, а сега со скор од 18-7, додека Сакраменто го доживеа 17-от пораз наспроти седум победи.
Бостон, пак, ја запиша својата 21-ва победа сезонава славејќи против Далас со 97-90. Кајри Ирвинг беше незапирлив со 23 поени, а кај Далас, Барнс заврши со 19 постигнати поени.
Њу Орлеанс на крилјата на ДеМаркус Казинс славеше против Денвер со 123-114. Извонредниот Казинс постигна 40 поени, и на тоа дополни и 22 скока, а Гери Херис кај Денвер мечот го заврши со 24 поени.
Сан Антониот по лошото полувреме сепак запишаа сигурна победа против Мајами од 117-105. ЛаМаркус Олдриџ во победничкиот тим имаше 18 поени, додека во поразената екипа Џонсон заврши со 25 поени.
Актуелниот шампион Голден стејт стигна до лесна победа над Шарлот од 87-101. Од почетокот до крајот гостите имаа сигурно водство, додека домашните играа очајно, што Воините го искористија.
Најдобар поединец во победничката екипа беше Кевин Дурант со „трипл-дабл“ од 35 поени, 11 скока и 10 асистенции, а Кемба Вокер на спротивната страна постигна 24 поени.
Њујорк никс на дуелот против Мемфис славеше со 99-88, додека Милвоки на свој паркет победи против Детроит со 104-100.
Јанис Антетокуомпо беше најдобар во редовите на Милвоки со 25 поени, додека кај Детроит Андре Драмонд запиша „дабл-дабл“ од 27 поени и 20 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА