На повидок е голема размена на играчи во НБА лигата. Кливленд кавалирс најдоа начин како да стигнат до потписот на посакуваниот Пол Џорџ. Вицешампионот е подготвен да го жртвува Кевин Лав за крилото на Индијана, во размена меѓу три клуба. Планот на Кавси е да го пратат Лав во Денвер, а Нагетси да се откажат од Кенет Фарид и Емануел Мудиај, или Вилсон Чендлер, кои треба да завршат во ростерот на Индијана. Денвер исто така треба да наследи еден пик од наредниот драфт.
Познато е дека Џорџ нема да го продолжи договорот со Пејсерс кој му завршува на крајот од сезоната која следува. Крилото е мета на неколку клубови од лигата, најмногу го посакува Лејкерс, кои се во потрага по нов лидер, откако ја „издржаа“ првата сезона без пензионираниот Коби Брајант. Сепак желбата на Кливленд е да направи дрим-тим кој ќе му парира на Голден стејт, што значи дека „езерџиите“ може да останат со празни раце.
Но, сето ова може да биде залудно доколку Денвер успее да го договори Блејк Грифин, или Пол Милсап. Доколку овој трејд не се реализира, Кливленд има „план Б“, а во фокусот се Крис Пол и Кармело Ентони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА