Клоп: Дарвин ме потсетува на Левандовски, џебовите ми беа полни со пари од облозите со Полјакот

Јирген Клоп уште еднаш јавно му искажа поддршка на Дарвин Нуњез, откако уругвајскиот голгетер е константно критикуван од медиумите поради неефикасноста во противничкиот шеснаестник.

Нуњез промаши бројни зицери од стартот на сезонава, но Клоп е дециден на ставот дека станува збор за врвен голгетер, споредувајќи го со Роберт Левандовски и соработката со полскиот ас во Борусија Дортмунд.

„Ако го споредиме Дарвин Нуњез со Левандовски, можам да кажам дека многу ме потсетува на него, навистина се многу слични. Сигурно и Роберт ќе ви ја потврди мојата приказна, после тренинзите имавме дополнителни рутини за да ја подобри ефикасноста. Тоа беа ситуации во кои тој требаше да даде минимум десет гола, ако дадеше над тоа, јас му плаќав 10 евра, ако беше под тоа ниво, тој ми плаќаше. Слободно можам да кажам, џебовите ми беа полни со пари од облозите со Полјакот, но видете каде е тој сега… Не се сомневам во Дарвин и упорно му повторувам – треба само да остане мирен. Тој има потенцијал, само треба да биде мирен, резултатите ќе дојдат“, изјави Клоп.

Се вчитува...