Клоп дава 100 милиони евра за Дембеле

Јирген Клоп планира да го ангажира Усман Дембеле за засилување на навалната линија на Ливерпул веќе во јануарскиот преоден рок. „Црвените“ играат многу послабо во нападот во однос на ланската сезона, па германскиот стратег сега е подготвен да плати 100 милиони евра за час поскоро да го донесе брзоногиот Французин во својот тим. Со тоа, Клоп би им вратил на каталонците поголем дел од парите што ги доби пред една година за трансферот на Филипе Кутињо од Ливерпул во Барселона.

Францускиот ас се повеќе ги фрустрира челниците на Барселона, минатата седмица воопшто не се појави на тренинг, па даваше изговори дека бил болен, а тренерот Валверде повеќе не гледа на Дембеле како на стандарден првотимец, давајќи зелено светло тој што поскоро да си замине од „Камп ноу“. Понудата на Ливерпул од 100 милиони евра ќе овозможи Барса да врати огромен дел од сумата што во летото 2017 година ја плати на Борусија Дортмунд, па јасно е дека шансите овој трансфер да се реализира ќе се зголемуваат како што ќе се приближува почетокот на јануарскиот преоден рок.

За Клоп потоа ќе следи потешкиот дел од задачата, да го среди незгодниот темперамент на Дембеле, чии фудбалски квалитети никогаш не се доведувани во прашање, но недисциплината надвор од теренот му е главен проблем за да го достигне потенцијалот што го поседува.

Се вчитува...