Џо Гомез се претвори во еден од клучните играчи на Ливерпул во последните два-три месеци откако овој фудбалер блесна на неколку различни позиции во тимот.
Тој успешно го заменуваше Трент Александер Арнолд како десен бек, кога се повредија Робертсон и Цимикас играше одлично и како лев бек, а на синоќешниот дуел од ФА Купот настапи како последен играч за врска, и беше меѓу најдобрите поединци на теренот.
Јирген Клоп не го крие воодушевувањето од настапот на Гомез, но ги замоли навивачите на Ливерпул да престанат да викаат „шут, шут, шут“ секогаш кога овој играч ќе ја има топката на триесетина метри од противничкиот гол. Причината е интересна – Гомез нема дадено гол на 233 средби во сите натпреварувања во својата професионална кариера, а навивачите на Ливерпул сакаат тој почесто да се обидува да го стори тоа, што секако не му се допаѓа на тренерот на тимот.
„Џои Гомез беше неверојатен. Играше „шеста“, кој би рекол, и тоа играше апсолутно лудо. Секоја чест. Само сакам да ги замолам на навивачите, колку и да е смешно…. оставете го момчето на мира. Еден ден ќе шутира, еден ден не, со викањето од трибини не му правите услуга. Треба самиот да го најде вистинскиот момент, не да шутира затоа што некој му вика од страна да го стори тоа“, истакна Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА