Ливерпул три натпревари по ред не знае за победа во Премиер-лигата, а една од причините сигурно е слабата форма на Мохамед Салах. Египетскиот ас ниту против Челси не успеа да се запише меѓу стрелците, но Јирген Клоп беше поразочаран од неговиот обид за глума во првото полувреме, отколку од слабиот настап на „Стемфорд бриџ“.
„Исто како и пред пет дена, тој повторно играше против поранешни соиграчи. Доаѓаа, го поздравуваа, но кога почна мечот, Рудигер не го штедеше. Ме разочара жолтиот картон, реши да одглуми прекршок. Или чекаше контакт за фаул, но во секој случај не сакам такви работи да гледам во мојот тим. Му го реков тоа и очекувам да игра уште подобро, не се сомневам дека ќе се врати во ритамот во кој игра цела сезона. После таа глума тој не доби прекршок ниту кога имаше стартови врз него, но тоа е нормално во фудбалот и Салах мора да научи како функционираат тие работи и да се носи со таквите ситуации“ – изјави Клоп.
Ливерпул мора да слави наредниот викенд на домашен терен против Брајтон за да си го осигура местото во Лигата на шампионите за наредната сезона. Доколку не успеат во тоа, „црвените“ ќе имаат уште една шанса да останат дел од елитното европско натпреварување, но за тоа да се случи ќе мора на 26 мај во Киев да го совладаат Реал Мадрид во финалето од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА