Клоп: Фала Богу што фудбалски натпревар има две полувремиња

Ливерпул ја продолжи трката со Манчестер Сити за врвот на Премиерлигата откако во 34. коло славеше со 2-0 во „пријателското дерби“ против Евертон. Херојот на „црвените“ беше Дивок Ориџи кој во 60. минута влезе на теренот, имаше клучна улога во првиот гол, а потоа го постигна и вториот.

По натпреварот предводникот на „црвените“ Јирген Клоп се осврна на лошата игра на својот тим во првото полувреме, но не го криеше задоволството од прикажаното во вторите 45. минути.

„Фала Богу што фудбалски натпревар има две полувремиња. Во првото полувреме нашите додавања не беа доволно брзи, немавме навремено додавање. Моравме многу подобро да одиграме и тоа го направивме. Не е лесно кога имаш посед на топка повеќе од 80 отсто, а мораш да внимаваш и на контранапад. Среќен сум бидејќи не мораме да летаме по теренот секој викенд, доволно е и да дојдеме до добар резултат. Моравме да се намачиме за победата, но и тоа е океј“, изјави Клоп.

Германскиот стратег имаше и пофални зборови за Дивок Ориџи кој продолжи да прави проблеми за Евертон и во новиот натпревар.

„Тој е играч од светска класа, ако замине ќе експлодира на друго место. Тој е врвен напаѓач и легенда на овој клуб, а тоа ќе остане засекогаш. Знам дека не е нормално да е постојано во составот, но секогаш е тука кога ни е потребен. Се што се случи во второто полувреме немаше да се случи без него“, додаде тренерот.

Се вчитува...