Јирген Клоп цел месец се мачеше да ја склопи одбранбената линија на Ливерпул, но стратегот на „црвените“ денеска има причина за задоволство откако управата успешно го финишираше трансферот на Озан Кабак од Шалке. Станува збор за играч кој важи за исклучително талентиран дефанзивец, за него се интересираа и Милан и Манчестер Јунајтед, но „црвените“ успеаја буквално во последниот ден од преодниот рок да го договорат неговото доаѓање на „Енфилд“.
Шалке долго време тактизираше, за клубот од Гелзенкирхен на крајот да даде зелено светло за заминување на турскиот репрезентативец, но дури откако беше најдена негова замена. Станува збор за поранешниот германски репрезентативец Шкодран Мустафи, кој доби раскин на договорот со Арсенал и потоа како слободен играч потпиша за Шалке.
По ова, немаше никаква пречка за преселбата на Кабак во Ливерпул. Првичниот „дил“ е за позајмица на шест месеци што „црвените“ ќе ја платат 2,5 милиони евра, а англискиот првак има опција летово да го откупи договорот на овој фудбалер со Шалке за дополнителни 20 милиони евра.
Ангажманот на Кабак значи и дефинитивно откажување од Хрватот Чалета Цар од Олимпик Марсеј, но се очекува „црвените“ денеска да комплетираат уште еден трансфер, оној на Бен Дејвис од Престон, за почетна сума од 500.000 фунти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

