Јирген Клоп има причина да биде задоволен откако Ливерпул по 16 одиграни рунди се наоѓа на чело на премиерлигашката табела, со еден бод предност во однос на Арсенал и „плус четири“ во однос на шампионот Манчестер Сити.
Успехот е уште поголем ако се знае дека „црвените“ минатото лето направија целосен ремонт во средниот ред на екипата, но германскиот стручњак експресно успеа да ја склопи „победничката машинерија“. Клоп говореше синоќа на генералната проба пред отворањето на реновираната трибин на „Енфилд“, не пропуштајќи да го „пецне“ Челси, откако лондонскиот клуб летово ги доби трките по Каиседо и по Лавија, за кои сериозно заинтересиран беше и Ливерпул.
„Црвените“ се договорија со Брајтон за Каиседо во трансфер од над 100 милиони фунти, но Еквадорецот инсистираше да замине во Челси. Од сегашна перспектива, Каиседо е далеку од топ-засилување за „сините“, додека Ливерпул за половина од тие пари ги доведе Гравенберх и Ендо.
„Минатото лето се случуваа чудни работи на пазарот. Меѓу нас кажано, бевме многу среќни, нели. Секако, не знаевме во тој момент, бевме разочарани кога одредени дефанзивни играчи за врска не сакаа да дојдат, но пресреќен сум од тоа како излегоа работите. Ние го доведовме Ендо, кој е беспрекорен фудбалер, се си дојде на свое место“, изјави Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА