Јирген Клоп летово си замина од Ливерпул најавувајќи дека ќе земе најмалку една година целосен одмор од фудбалот. Сепак, трофејниот стратег ќе се врати на најважната споредна работа во светот порано од предвиденото, откако добил понуда што не се одбива, за функција што делува како да е измислена за него.
Тиражниот весник „Бил“ објави дека Клоп веќе рекол ДА и од 1 јануари 2025 година ќе биде „Глобален фудбалски шеф“ на Ред Бул. Повеќе детали околу одговорностите кој ќе ги има успешниот тренер не се наведуваат до потписот на договорот, но Клоп ќе биде одговорен за клучните одлуки кои ќе се носат во сите клубови во кои Ред Бул поседува мнозински пакет на акции.
Дел од „пакетот“ на Ред Бул се ЛАјпциг, Салцбург, Лидс, Њујорк, Брагантино (Бразил) и Омија (Јапонија). Тој доаѓа по препорака на Оливер Минцлаф, 49-годишниот оперативец кој раководеше со Лајпциг од 2014 до 2022 година, воедно помагајќи и во останатите клубови под капата на Ред Бул.
Минцлаф бараше човек со реноме и фудбалско искуство, а кога Клоп стана достапен на пазарот беа водени интензивни преговори кои според „Билд“ на крајот завршиле со успех.
„Нема да бидам тренер на клуб или селектор на некоја репрезентација, ви го гарантирам тоа. Секако, ќе излезе некоја интересна опција, поразлична… знам дека тоа ќе се случи. Нема да се пензионирам од фудбалот, прерано ми е само да играм падел и да се грижам за внуците“, изјави неодамна Јирген Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

