Ријад Махрез е изборот на Јирген Клоп за ангажман на нов фудбалер во Ливерпул, кој би го наследил Филипе Кутињо во тимот од „Енфилд роуд“. Заминувањето на Кутињо во редовите на Барселона е само прашање на време, а „црвените“ веќе ја почнаа потрагата по негов наследник.
Иако се споменуваа и Томас Лемар од Монако и Желсон Мартинс од Спортинг Лисабон, Клоп инсистира на доведување на Махрез како играч со премиерлигашко искуство кому воопшто нема да му биде потребно време за адаптација. Фактот дека пред две сезони беше избран за најдобар фудбалер во Премиер-лигата, а во последните два месеци игра извонредно придонесе Ливерпул да се фокусира на Алжирецот, за чиј ангажман наскоро ќе почне и официјални разговори со Лестер.
„Лисиците“ минатото лето инсистираа на 40 милиони фунти, сума што Рома не ја плати, па Махрез остана во Лестер. Во ситуација кога Ливерпул е тимот што го бара, цената порасна на 50 милиони фунти, но Клоп во секој случај ќе има пари за да си го дозволи овој трансфер, со оглед на фактот дека „црвените“ ќе добијат над 130 милиони фунти од продажбата на Кутињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА