Ливерпул ќе влезе во одбрана на европската титула без мега-засилување, откако Јирген Клоп уште еднаш потврди дека нема намера да влегува во трка за нови фудбалери кои вредат над 100 милиони фунти. Стратегот на „црвените“ изрази сомнеж дека дел од европските гиганти ги задоволуваат правилата на финансиски фер-плеј, потенцирајќи дека Ливерпул никогаш нема да почне со таков начин на функционирање.
„Постојат четири клубови кои секогаш можат да прават се што ќе посакаат, тоа се Реал, Барселона, Манчестер Сити и ПСЖ. Кого и да посакаат, тие можат да го доведат, ние не можеме да се мериме со нив. Не ни сакаме, бидејќи ние сме клуб што си ги плаќа своите сметки. Можеби на некого ќе му личи дека не сме инвестирале во нашиот тим, но тоа не е точно бидејќи ние низ годините креиравме моќна екипа. Ние само немаме пари за фрлање“ – истакна Клоп.
Тој потенцираше дека со истата оваа екипа Ливерпул ја заврши сезоната со само еден бод заостанување зад Манчестер Сити.
„Со истиот тим бевме европски прваци и освоивме речиси 100 бода во Премиер-лигата. Што ако купиме пет скапи играчи, зарем има гаранција дека нема да ремизираме со Лестер на терен покриен со снег. Јасно е, ќе има просечни изданија, но тоа не значи дека ни се неопходни нови фудбалери. Единственото нешто што ни е потребно е тимот да биде подготвен за секој натпревар. Тоа е моја работа, да се погрижам тоа да се случи“ – порача стратегот на „црвените“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА