Клоп: Многу луѓе мислеа дека пак ќе се „лизнеме“, не им се направи меракот

Јирген Клоп има причина за задоволство по одличното издание на Ливерпул на првиот осминафинален дуел со Лајпциг, на кој „црвените“ триумфираа со 0-2 и широко си ја отворија вратата кон четвртфиналето од Лигата на шампионите. Англискиот првак се соочува со сериозни проблеми во Премиер-лигата, но избраниците на Клоп одиграа на своето препознатливо ниво синоќа во Будимпешта, стигнувајќи до рутински триумф.

Без оглед на одличната предност, Клоп веднаш по мечот ги предупреди своите фудбалери да не помислат дека се е готово бидејќи Лајпциг има капацитет да се врати во овој двомеч.

„Не би рекол дека критиките по последните неуспеси беа мотив за нас, бидејќи ние секогаш сакаме да победиме. Сепак, знам дека многумина очекуваа да се лизнеме и на овој меч, мило ми е што желбите не им се исполнија. Лајпциг е одличен тим, знае да биде моќен со својот стил на игра, а начинот на кој ние ги контролиравме беше извонреден. Самодовербата се враќа, но една победа не е доволна за да кажеме дека сме го надминале она што ни се случуваше во изминатиот период. Мораме да продолжиме во ист стил, вклучувајќи го и реваншот бидејќи кога играте против Лајпциг два гола предност може да не значат ништо“, изјави Клоп.

Се вчитува...