Левиот бек на Ливерпул, Трент Александер – Арнолд, е еден од дебитантите на списокот на англискиот селектор Герет Саутгејт за настапот на СП во Русија. Саутгејт вчера го соопшти списокот на играчите за мундијалот, а Јирген Клоп го изненади 19-годишниот фудбалер на Ливерпул.
„Во автобусот со кој одевме на аеродром, менаџерот дојде до мене и онака, попатно ме праша дали знам нешто за изборот на селекторот. Му реков дека се уште немам никакви вести, а тој тогаш ме праша дали имам некакви планови летово за време на Светското првенство, некој годишен одмор или слично. Му реков дека немам“ – раскажува Александер-Арнолд за официјалниот клупски сајт.
„Е, одлично, бидејќи одиш на Светско првенство!“ – му рекол Јирген Клоп.
Германскиот тренер сезонава го фрли во оган младиот Александер –Арнолд, по повредата на Натаниел Клајн. Иако имаше неколку лоши натпревери, младиот фудбалер одигра голема сезона и беше важен играч во походот на Ливерпул во Лигата на шампионите.
„Тоа е извонредна приказна. Герет Саутгејт ми се јави утрото и ме замоли да му кажам дека е повикан во репрезентацијата за СП. Само да го видевте изразот на неговото лице кога му ја соопштив вест, фантастично! Апсолутно, заслужи да биде во репрезентацијата. Дали е премлад? Не, никогаш не си премлад за такво нешто. Може единствено да не си доволно добар, а Трент е, верувајте, многу, многу добар“ – вели Јирген Клоп.
Англија на СП во Русија ќе настапи со најнеискусен состав од 1962 година досега. Секој репрезентативец во просек има само по 19 настапи за националниот состав. А Трент Александер – Арнолд ќе биде еден од новите лица на претстојниот мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА