Клоп: Не одиме во Киев за да им ги бараме дресовите на „кралевите“

Фудбалерите на Ливерпул ги завршија мини-подготовките во Шпанија и се вратија назад на „островот“, каде ќе ги одработат последните неколку дена од тренинзите пред патот кон Киев и саботниот меч од финалето во Лигата на шампионите. Противник е актуелниот европски првак Реал Мадрид, за кого Јирген Клоп има високо мислење, но германскиот стручњак испрати јасна порака дека нема потреба од прекумерен респект за „кралевите“.

„Реал е одличен тим, актуелен првак. Она што го направи Зидан како тренер е неверојатно, тој е еден од петемината најдобри фудбалери на сите времиња, а сега се докажува и како врвен стратег. Имам високо мислење за него, како и за целокупниот тим на Реал, но ние не одиме во Киев за да им ги бараме дресовите на „кралевите“, туку за да играме и да се обидеме да стигнеме до трофејот“ – дециден е Јирген Клоп.

Германецот во кариерата загуби неколку европски финалиња, последното во Лигата на Европа со Ливерпул од Севилја, но очекува тоа да нема никакво влијание.

„Верувајте, јас сум истиот тренер што би бил и доколку ги освоев тие трофеи. Секако дека сакам да победам, но за мене лично триумф нема да значи толку многу колку за овие мои фудбалери, кои играат извонредно цела сезона, колку за целиот клуб Ливерпул и сите наши навивачи. Затоа сакам да сториме се за да победиме, и да славиме заедно“ – порача Клоп.

Се вчитува...