Англискиот премиерлигаш Ливерпул по настапот во финалето на Лигата на шампионите ја промени малку стратегијата за купување на нови фудбалери. Сега Јирген Клоп бара само квалитет, и може за тоа да плати скапо, па така направи рекорден трансфер за голманот Алисон Бекер за 75 милиони евра. Но, ќе треба да направи и „чистка“ во соблекувалната, да собере одредени средства можеби за уште едно големо засилување како Набил Фекир.
Како што откриваат медиумите на Островот, опваа „чистка“ најверојатно ќе ги зафати и напаѓачот Дивок Ориџи и голманот Симон Мињоле. Проблем е што Ориџи играше слабо за Волфсбург, каде лани беше пратен на позајмица, па сега нема сериозна понуда за негов ангажман.
Што се однесува до Мињоле, тој се уште се наоѓа на одмор по настапот за Белгија на СП 2018, но се очекува по враќањето да најде нов ангажман, со што Кариус би останал резерва на Алисон Бекер.
Напаѓачот Дени Ингс сака да замине во клуб каде ќе има поголема минутажа, управата му го одобрила барањето, па сега се водат преговори со Лестер, Саутемптон, Њукасл и Кристал палас, за трансфер од околу 15 милиони фунти.
Се очекува и заминување на едногодишна позајмица на Соланке, кој со доаѓањето на Шаќири сигурно ќе има уште помала минутажа отколку лани. Лазар Марковиќ има уште 12 месеци од актуелниот договор и Ливерпул е подготвен да го продаде за минимална отштета, а понуда подготвуваат Андерлехт, Леганес и Хетафе. Од „Енфилд“ ќе си замине и вториот Србин, Марко Грујиќ, кој е на чекор до нова позајмица во Кардиф.
Талентираниот Бен Вудбурн е на листата на играчи кои ќе бидат испратени на позајмица, исто како и Чиривела, Оџо и Камачо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА