Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, не го криеше разочарувањето по очајното издание на својот тим во второто полувреме, во кое „црвените“ прокоцкаа предност од 3-0 и сигурно прво место во својата група. Очајниот старт на вториот дел им овозможи на фудбалерите на Севилја да се вратат, а потоа во судиското продолжение да стигнат и до израмнување.
„Немам објаснување, во второто полувреме престанавме да играме фудбал. Тоа е нашето единствено оружје, знаеме да играме добар фудбал, а денеска тоа не го правевме во вторите 45 минути“ – истакна Клоп.
Особено слабо одигра екс-фудбалерот на Севилја, Алберто Морено, кој беше директен виновник за првите два гола на својот поранешен клуб, па беше заменет со Џејмс Милнер.
„Во ред е да бидеш премногу самоуверен по одличното прво полувреме, но ние бевме доволно брзи, не бевме ниту поставени во вистинската формација, а противникот го искористи тоа. Не е проблемот само во Алберто, сите мораа да одиграат колективно и да ја финишираат средбата во која водеа со три гола. Главната грешка ни е што престанавме да играме фудбал“ – посочи стратегот на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА