Ливерпул го носи на „Енфилд роуд“ поранешниот играч на Челси, Мохамед Салах, за сума од 40 милиони евра. Рома ја доби посакуваната сума, претходно одбивајќи две помали понуди од 30, односно од 35 милиони евра. 24-годишниот репрезентативец на Египет ќе заработува 90.000 фунти неделно во следните четири сезони и до крајот на оваа седмица треба официјално да стави потпис на договорот.
Откако потфрли во краткиот престој во Лондон, Салах среќата ја бараше во Италија. По две некомплетни сезони во Челси замина во Фиорентина како дел од трансферот на Квадрадо во Челси. Требаше да остане 18 месеци во Фиренца како позајмен играч, но на почетокот на сезоната 2015/16 виолетовиот дрес го смени со оној на Рома. Египќанецот веднаш се наметна во тимот, а по одличните партии во првиот дел од сезоната, Рома во зимскиот преоден рок го откупи договорот на Салах за 15 милиони евра.
Со овој ангажман Ливерпул го изедначува клупскиот рекорд за најголем трансфер, откако во 2011 година платија 40 милиони евра за Енди Керол. Салах е вториот фудбалер кој пристигнува на Мерсисајд за истата сума.
Воедно, Ливерпул ги интензивира и преговорите за Ван Дајл од Саутемптон, откако холандскиот дефанзивец и покрај интересот од Челси и од Манчестер сити изразил желба да настапува за тимот на Јирген Клоп. Овој трансфер сигурно ќе ја надмине сумата на Салах, со оглед на фактот дека се очекува „црвените“ да платат најмалку 55 милиони евра за услугите на Ван Дајк.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА