Клоп: Треба време за Ливерпул пак да се изгради како тим, но не бегам од тој предизвик

Ливерпул претрпе убедлив пораз од 4-1 на големото дерби со Манчестер Сити, уште една потврда за катастрофалната сезона на „црвените“ кои речиси сигурно ќе останат без место во Лигата на Шампионите.

Недоведувањето на квалитетни засилувања за средниот ред се покажа како голема грешка на управата на Ливерпул, па „црвените“ сега се подготвуваат за значителен ремонт во тимот. Кеита, Окслејд Чембрлен и Боби Фирмино дефинитивно си заминуваат, а Јирген Клоп е свесен дека ќе му бидат потребни повеќе нови играчи за Ливерпул повторно да стигне до нивото на ривалите за трофеи во Англија.

„Доволно долго сум во овој бизнис за да знам како одат работите. Кога ќе мине одреден период, мора да се размрда ситуацијата и да се почне отпочеток, тоа е сосема нормално и се случува и во другите клубови, не само во Ливерпул. Некои тимови можеби би биле задоволни да бидат шести во најдобрата лига во светот, но ова е Ливерпул и на сите ни е јасно – не сме онаму каде што сакаме да бидеме и каде што заслужуваме да бидеме. Јасно е, ќе треба време за Ливерпул пак да се изгради како тим, но сите работиме напорно, летово ќе пристигнат нови играчи и ќе тргнеме од почеток. Јас сум тука и не бегам од тој предизвик, верувам дека можеме да е вратиме онаму каде што припаѓаме“, изјави Клоп.

Се вчитува...