Јирген Клоп не го криеше воодушевувањето по големиот камбек на Ливерпул во второто полувреме и победата од 1-3 на гостувањето против Вулверхемптон. Ова е втор гостински триумф со пресврт по оној во Њукасл, потврда за одличниот старт на сезоната на „црвените“, кои имаат 13 од можни 15 бода на своето салдо.
Клоп во изјава по мечот обелодени дека си дал ветување на самиот себе дека може да се напие пиво само кога ќе победи надвор од „Енфилд“, што значително му ги променило навиките минатата сезона во кој Ливерпул одигра далеку под своите можности.
„Многу подобро сум, многу подобро од лани. Знаете, пијам пиво само кога ќе победиме на гостински терен. Лани за малку ќе станев антиалкохоличар. Така што, ова многу повеќе ми одговара, да победуваме и да пијам пиво“, прокоментира Клоп.
Тој потоа се осврна на случувањата на теренот и двете сосема различни полувремиња на својот тим.
„Во првото полувреме бевме многу лоши, Вулвс ни создадоа толку многу проблеми. Во вториот дел ја презедовме контролата, го свртевме резултатот во наша полза и заслужено победивме. Неколку пати нагласувам, ова е една значително променета екипа, почнуваме нешто од почеток, секако дека ќе има падови и добри моменти во играта, но најважно е да победуваме најчесто што можеме“, изјави стратегот на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

