Клоп веднаш го откачи Ал Итихад: Парите не се важни, уживам во животот

Ал Итихад му врачи отказ на Лорен Блан, по што за главен кандидат за нов тренер на актуелниот првак на Саудиска Арабија беше потенциран Јирген Клоп, легендарниот германски стратег кој пред една година се повлече од тренерската професија.

Малку требаше за да стигне одговор од легендарниот тренер на Ливерпул, кој јасно стави до знаење дека нема намера да му се врати на фудбалот во поинаква улога од онаа што ја има во моментов – како директор за фудбалски операции на групацијата „Ред бул“ која има клубови низ целиот свет.

„Долго време бев во фудбалот, кога решив да си заминам од фудбалот најавив дека е доста од тренерска работа и се уште стојам зад тоа. Парите што некој може да ми ги понуди воопшто не се важни, јас во изминатата година уживав во животот, се занимавав аматерски со спорт, минував време со внуците, работев сосема нормални работи…. знаејќи дека никогаш повеќе нема да бидам тренер“, изјави Клоп.

Во првата сезона по неговото заминување Ливерпул предводен од Арне Слот стигна до титулата, но Клоп откри дека не гледал голем дел од тие натпревари на својот поранешен клуб.

„Се случуваше да бидам дома и ако знам дека Ливерпул игра во тој момент, секако ќе го вклучев телевизорот. Сепак, голем дел од тие натпревари, јас бев надвор со семејството и со пријателите, уживав во сосема поинакви работи во животот. Никогаш не се случи да знам дека Ливерпул игра меч и поради тоа јас да ги сменам своите планови за да останам дома и да гледам. Секако, среќен бев за успесите и за титулата, клубот продолжи да напредува, а јас исто така продолжив со својот живот“, порача Јирген Клоп.

Се вчитува...