Јирген Клоп се коцкаше со голманската позиција цела сезона, не носејќи нов врвен чувар на мрежата, верувајќи најпрвин во Мињоле, потоа и во Кариус – за на крајот тоа да му се удри од глава на германскиот стратег во најлош момент – во големото финале од Лигата на шампионите.
Веќе нема никакви дилеми, Клоп летово ќе ангажира нов голман, а во игра со неколку квалитетни опции.
Јан Облак
Најскапата и воедно најоптимистичка најава од „островот“. Словенецот со години наназад е одличен на голот на Атлетико Мадрид, Симеоне не сака ни да чуе за негова продажба, па затоа и му понуди нов договор, бидејќи во актуелниот има клаузула што го прави Облак достапен за 100 милиони евра. Дури и доколку Ливерпул реши да ја плати оваа сума, прашање е дали ќе го убеди Облак на трансфер на „Енфилд“.
Алисон Бекер
Голманско име кое во последните месеци во бројни наврати беше поврзувано со преселба во Ливерпул. Првиот голман на бразилската репрезентација дојде на „Енфилд“ како член на Рома и прими пет гола, но тоа не ги намалува неговите вонсериски квалитети, свесен за тоа е и Клоп. Алисон се чини е прва желба на „црвените“, но проблем претставува што Рома бара огромни 80 милиони евра, не сакајќи да му продаде повторно клучен играч на Ливерпул за „ситни пари“ како што тоа беше случај со Салах, кој замина за 40 милиони евра и стана лидер на англискиот премиерлигаш.
Џек Батланд
Квалитетен англиски голман, кој најверојатно ќе биде и стартен чувар на мрежата на „гордиот албион“ на претстојниот мундијал. Претходно се шпекулираше за понуда од 40 милиони фунти, но откако Стоук испадна од Премиер-лигата сега Ливерпул би можел да го доведе и за сума од околу 30 милиони фунти. Сепак, останува стравот дека станува збор за непроверен голман на „големата сцена“, сезонава испадна од елитата, па прашање е дали и колку ќе одговори на предизвикот во тимот како Ливерпул, каде голманите вообичаено се под огромен притисок.
Џанлуиџи Донарума
Мино Раиола не успеа да го смести во Јувентус или ПСЖ, па супер-агентот сега интензивно го нуди Донарума на Ливерпул. Тинејџерот важи за еден од најголемите таленти во светскиот фудбал, но лошиот однос кон Милан во преговорите за нов договор го прави незгоден како карактер, поради што дел од тимовите предвреме се откажаа од него. „Росонерите“ веќе го доведоа Реина како негов наследник, па цената на Донарума падна од 70 на 40 милиони евра, цена што Ливерпул без проблеми може да ја плати доколку Клоп реши да го избере Италијанецот како прва голманска опција за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА