Јирген Клоп воопшто не е заинтересиран за преселба на клупата на Реал Мадрид, без оглед на шпекулациите на шпанските медиуми дека германскиот стратег би бил идеален наследник на Карло Анчелоти на кормилото на „кралевите“.
Веднаш по фијаското на Реал против Арсенал беше објавено дека Клоп не е најсреќен како шеф на фудбалските операции на сите клубови што ги поседува компанијата „Ред Бул“ и дека екс-стратегот на Ливерпул би се вратил на тренерскиот занает ако добие интересна понуда. Не мина многу време, а денеска во јавноста се појави Марк Косицке, агентот на Клоп кој јасно стави до знаење дека нема никаква шанса за преселба на трофејниот стратег на „Сантијаго Бернабеу“.
„Клоп во Реал Мадрид? Нема никакви шанси тоа да се случи. Јирген е многу среќен од својата нова улога во Ред Бул. Фокусиран е на работата таму, среќен е и слободно можам да кажам дека ништо друго не го интересира во моментов на професионален план“, изјави Косицке.
Во една ваква ситуација, главен кандидат за наследник на Карло Анчелоти останува актуелниот стратег на Баер Леверкузен, Шпанецот Чаби Алонсо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА