Во Ливерпул уште владее еуфорично расположение по освоениот трофеј во лига-купот, со што „црвените“ го минаа Манчестер Јунајтед и станаа најтрофеен англиски клуб на сите времиња.
Јирген Клоп дефинитивно е најзаслужен за тоа, но германскиот стратег на прес-конференцијата пред куп-дуелот со Саутемптон упати зборови за утеха кон Челси. Лондонскиот клуб е жестоко критикуван за поразот во неделното финале од составот на Ливерпул со младинци на теренот, а статистичарите пресметаа дека „сините“ ги загубиле последните шест финалиња кои ги играле.
„Кога ќе загубите финале, слушате луѓе како говорат многу работи кои не сакате да ги слушнете. Јас добро знам, бев можеби и првиот тренер со пет-шест порази во низа во финалињаста што ги водев. Можам да замислам како се чувствуваат во Челси, сите ги критикуваат, видов на нивните лица по финалето како се чувствуваат. Искрено ми е жал за нив, бидејќи одиграа добар меч во кој можеа и да победат и да се радуваат на крајот. Сепак, фудбалот е таков спорт, едни ќе се радуваат, други ќе тагуваат“, изјави Клоп.
Германскиот стратег дојде на „Енфилд“ во 2015 година кога Ливерпул имаше вкупно 60 трофеи, четири помалку од Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ оттогаш освоија уште три пехари, но Ливерпул под водство на Клоп има осум, па гигантот од „Енфилд“ сега води со 68-67 во таа трка против вечниот ривал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА