Слабата лига, малиот број натпревари и малата минутажа на репрезентативките во клубовите е круцијалниот проблем со кој се соочува женскиот ракомет во Македонија и индиректно се рефлектира и на резултатите на женската репрезентација. Предлог на сeлекторот Симе Симовски е да се формира клуб-репрезентација со цел да се задржи континуитетот и да се подигне квалитетот на репрезентативките.
„Паѓа нивото на женскиот ракомет и мора да размислиме како да го подигнеме тоа ниво и квалитет. Формирање на клуб-репрезентација е една од идеите. Ракометарките мора да имаат повеќе квалитетни натпревари, работа во континуитет. Во однос на сениорската репрезентација одлична идеја е и настапот на медитеранските игри“ – потенцираше Симовски.
За претседателот на РФМ, системски е комплицирана реализацијата на таква идеја, иако од РФМ постои расположение и отвореност да се поддржи секој добро осмислен проект што во иднина би донел резултат.
„ Против кого би играл тој клуб-репрезентација и како би го задржал натпреварувачкиот ритам, ако немаме квалитетни клубови? Ако е тоа решение, ние ќе го направиме, но мора тоа да биде добро осмислен проект. За мене е пореално нашите репрезентативки да се борат за место и искуство во европските клубови каде што имаат посилна конкуренција и шанса да натпреваруваат“ – истакна Мукаетов.
Раководството на женската репрезентација пред УО на РФМ реферираше и за настапот на сениорките на првите четири натпревари од квалификациите за ЕП 2018, со Шведска и Србија во првиот циклус и за двата натпревари со Фарски Острови во вториот квалификациски циклус. А, пред членовите на УО на РФМ беше презентиран и планот за подготовките и настапот на завршните два натпревари од квалификациите со селекциите на Шведска на домашен терен и со Србија во гости.
Долгорочната цел е Македoнија да го задржи континуитетот и да имаме конкурентна репрезентација за ЕП 2022 на кое Македонија треба да биде домаќин заедно со Словенија и со Црна Гора. Во таа насока, селекторот Симе Симовски и Сивана Карбевска која е назначена за директорка на сите женски репрезентации од УО на РМ се задолжени да изготват четиригодишен план и програма за работа.
Потврдено е и учеството на двете ракометни репрезентации, машката и женската, на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија.
Членовите на УО на РФМ на денешната седница ги разгледуваа и ги усвоија и извештаите за по подготовките на машката младинска и на машката кадетска репрезентација како и планот за подготовките и за настапот на ЕХФ шампионатите У20 и У18 што им претстојат летово. Младинците ќе играат на ЕХФ шампионатот во Тбилиси, Грузија, а кадетите ќе настапат на ЕХФ шампионатот на кој Македонија ќе биде домаќин.
Селекторката Јулијана Дамчевска поднесе извештај за настапот на женската младинска репрезентација на квалификациските натпревари за СП 2018 (У20) во Унгарија, против селекциите на Исланд, Литванија и Германија.
УО на РФМ ги верификува и одлуките донесени без присуство поради итност, а кои се однесуваа на доделувањето на паричната награда од 30.000 евра за машката ракометна репрезентација за пласманот во втората фаза на ЕП во Хрватска и одлуката за избор на членови на Комисијата за избор на стручни лица тренери во Националната спортска академија за учебната 2017/2018 година.
Доколку и женската ракометна репрезентација успее да обезбеди учество на ЕП 2018, ракометарките ќе добијат премија од 30.000 евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА