Клубот на Кире Лазаров влегува во елитното друштво

Клубот на најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров, КЛ7, ќе добие можност да се натпреварува во елитното македонско ракометно друштво доколку биде потврден предлогот на раководството на РФМ за проширување на Супер-лигата од 10 на 16 клубови. Станува збор за клуб кој пред само неколку години почна со функционирање, најпрвин како младинска школа, но забрзано се развива, па сега ќе добие шанса и за натпреварување со најдобрите тимови на домашната ракометна сцена.

Идејата на „куќата на ракометот“ е да нема испаѓање од елитното друштво, што значи дека дел од Супер-лигата и во следната сезона би останале и Струга и Работнички, кои инаку ги очекуваше жестока борба за опстанок. Покрај десетте актуелни суперлигаши (Металург, Пролет, Охрид, Бутел, Вардар Јуниор, Пелистер 2, Радовиш, Металург 2, Работнички и Струга), во елитното друштво од самиот старт на сезоната 2020/21 би стартувале и СЕХА-лигашите Вардар и Пелистер. Покрај овие 12 екипи, РФМ предвидува дополнително проширување на лигата за уште четири екипи, по две од двете први лиги во кои тимовите се натпреваруваа во сезоната 2019/2020.

Елитен ракомет ќе се игра и во Струмица, со оглед на фактот дека тимот на Астарион беше првопласиран во групата 1 од Првата лига со убедлива предност и 40 бода на табелата. Камбек во елитното друштво обезбедува и Прилеп, кој минатата сезона испадна, но сега како второпласиран во истата група 1 ќе влезе во Супер-лигата.

Во групата 2 првопласиран е тимот на Тиквеш, што значи дека и Кавадарци ќе добие свој суперлигаш во ракомет, а како второпласиран во оваа група место во елитата си обезбеди и КЛ7.

Се вчитува...