Клубови од Турција и од Катар го меркаат Столе Димитриевски

Столе Димитриевски остана во Валенсија до крајот на летниот преоден рок, откако шпанските клубови заинтересирани за македонскиот голман не успеаја да постигнат договор со тимот од „Местаљ“ за да го доведат нашиот репрезентативец во своите редови.

На Димитриевски веќе му е јасно дека нема шанси да биде стандарден првотимец сезонава во Валенсија, но Столе ставил до знаење дека е подготвен да се бори за првотимски статус, убеден дека со квалитетите што ги поседува сепак ќе успее да даде придонес за овој клуб да има успешна сезона.

Информациите од Шпанија говорат дека Валенсија се уште се обидува да го продаде Димитриевски, откако интерес за македонскиот голман покажале клубови од Турција и од Катар, каде преодниот рок се уште не е затворен. Тимовите веќе се во контакт и ќе се обидат да ги интензивираат преговорите во текот на оваа репрезентативна пауза, но Столе веќе ставил до знаење дека би си заминал од „Местаља“ само доколку добие некоја преимпресивна понуда што нема да може да ја одбие.

Останува да ја почекаме разврската, а во меѓувреме Димитриевски ќе го брани голот на Македонија на неделниот квалификациски меч за СП во Скопје против Лихтенштајн.

Се вчитува...