Веќе мина една половина од месец август, а буквално ништо не се знае за новата сезона во кошаркарскиот шампионат, ниту кога ќе почне, ниту пак колку екипи ќе се борат за круната што ќе ја брани МЗТ Скопје. Проблемот е добро познат од минатото, долговите кои клубовите многу тешко ги подмируваат кон федерацијата. Иако постоеше ветување за подмирување на сите долгови, а беше овозможено и плаќање на рати, екипите од првата лига досега ги немаат подмирено своите обврски.
„Ние како ново раководство сме дојдени овде за да помогнеме, да поставиме некои нови здрави принципи на работа. Затоа, разочарувачки е толку долго да слушаме лажни ветувања како ќе ни биде платено. Пробиени се сите рокови, должат сите прволигаши, и тоа сума што вкупно изнесува околу 70.000 евра. За нас сето ова е крајно поразително, кога ќе имаме состанок сите се фини, но говорат во идно лажно македонско време – ќе платиме. А потоа нема никакви уплати. Едно мора да им биде јасно, ние нема да толерираме ваков однос, додека не сеплатат сумите, нема да има ниту кошарка во Првата лига“ – порачуваат од раководството на КФСМ.
Се уште е неизвесно и колку екипи ќе брои Првата лига кога таа конечно ќе започне, бидејќи се чека на одговор од ФМП, тимот што лани преку бараж обезбеди влез во елитата.
„Побаравме клубовите писмено да ја известат федерацијата дека се подготвени да бидат дел од Првата лига. Добивме девет потврдни одговори, вклучувајќи го тука и вториот тим на МЗТ Скопје, а се уште чекаме како ќе се изјасни ФМП“ – открива комесарот за натпреварување, Лазар Гечевски.
Во надеж дека долговите наскоро ќе почнат да бидат исплаќани, ќе се планира и стартот на сезоната, но тој никако нема да биде пред почетокот на октомври.
„Моја лична замисла беше сезоната да почне на 1 октомври, но за тоа да се случи требаше до 1 септември сите да бидат со чисти сметки, па да зборуваме за техничките детали, условите за играње во салите и други важни работи. Го исполнивме и даденото ветување за намалување на котизацијата, од 10.000 на 8.000 евра, но тоа во моментов и не е толку важно, не можеме да зборуваме за новата сезона кога се уште не сме ги наплатиле парите од минатата година. Не знам дали е ова навика на клубовите поради толерирањето од претходното раководство, но ние сме решени кошаркарскиот спорт да функционира на едно исклучително високо ниво. Клубовите засега не дејствуваат на такво ниво, но нашата порака е јасна, нема да толерираме непочитување на прописите“ – дециден е Гечевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА