Кошаркарската федерација на Македонија ќе го достави до Управниот одбор на разгледување заклучокот дека не постојат услови за доигрување на сезоната 2019-20 година. Ова откако Федерацијата прво го дала на изјаснување кај сите прволигашки клубови предлог-планот на МЗТ Скопје Аеродром за комплетирање на првенството. КФСМ ги информирала клубовите за предлогот на актуелниот шампион и побарала да се изјаснат. Федерацијата ги објави поединечните изјаснувања на сите клубови и со исклучок на двата тима од „Јане Сандански“ сите други гласале против.
„Иако во изминатиот период, КФСМ веќе разговараше со претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, и постигна едногласна согласност, дека не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи за оваа натпреварувачка сезона, го разгледа предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, и истиот го постави на изјаснување пред другите претставници на Здружението на Прва лига-мажи.
Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, ги разгледа сите ставови доставени од страна на претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, кои се однесуваат на предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, за и околу продолжение на натпреварите во Првата лига-мажи за сезоната 2019/2020.
Врз основа на добиените одговори од страна на сите девет клубови, учесници во натпреварите во Прва лига-мажи (покрај МЗТ Скопје Аеродром како предлагач), кои беа едногласни, и ги потврдија претходно изнесените ставови (освен предлагачот, КК МЗТ Скопје Аеродром, и КК МЗТ Скопје Уни-Банка), одлучено е дека, во овој момент не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи.
Согласно со тоа, овој заклучок донесен во консултации со претставниците на сите екипи учесници во натпреварите во Прва лига-мажи, ќе биде доставен и даден на усвојување на наредната седница на Управниот Одбор на КФСМ“ – стои во соопштението од Федерацијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

