Употребата на ВАР-технологијата во Премиер-лигата би можела да стартува од самиот почеток на наредната натпреварувачка сезона, откако голем дел од клубовите се погласно ја прифаќаат иницијативата за дополнителна помош за арбитрите во елитното англиско фудбалско друштво.
И последното коло го одбележа голема судиска грешка откако беше поништен регуларен гол на Фулам, а потоа и признаен погодок на Ливерпул иако топката се уште се движеше пред почетното додавање од голманот Бекер. Речиси сите помали клубови сметаат дека ВАР ќе им биде од помош за да ги заштити од судиски неправди против гигантите, а на оваа тема ќе се води сериозна дискусија на состанокот на премиерлигашите закажан за оваа седмица.
Во неколку ситуации по неколку натпревари од Премиер-лигата беа тестирани со ВАР-систем иако овие одлуките на ВАР-судиите не беа пренесувани до главните арбитри за време на средбите. Претставниците на Премиер-лигата ќе ја презентираат досега сработената програма, по што ќе следи дискусија, па најавено е дури и можно гласање на кое екипите можат уште во ноември да донесат конечна одлука, од август 2019 да биде воведена ВАР-технологија, која веќе се употребува во Италија, Шпанија, Германија и во Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА