Се уште е неизвесно дали и кога ќе стартува кошаркарскиот шампионат на Македонија, но клубовите постигнале интерен договор да ги намалат платите на кошаркарите за дури 75%, се додека не биде почнато со новата сезона. Челниците сметаат дека во изминатите два месеци од почетокот на подготовките потрошиле високи средства само за тренинзи и подготовки, па во заеднички договор сите нашле заеднички јазик, кошаркарите да земаат само 25% од договорените плати додека не се стартува со Првата лига.
Претставници на клубовите денеска седнаа на маса со челниците на КФСМ, барајќи уште еднаш што поскоро да бидат создадени услови и да биде донесена одлука за почеток на сезоната, според протокол одобрен од ИЈЗ. Откако во текот на вчерашниот ден тренерите и играчите се обратија барајќи донесување на протоколи, денеска и клубовите гласно побарале што поскоро да биде утврден датумот на новата сезона, заедно со системот на натпреварување.
За разлика од последниот состанок, на кој токму прволигашите во мнозинство биле против организацијата на „балон“, овојпат ваквата опција се чини најреална, па клубовите побарале од КФСМ дефинирање на опцијата „балон“, како и елаборат за трошоците, колкав дел би поднела федерацијата, а колку самите клубови.
На потег е „куќата на кошарката“, што поскоро да ги договори протоколите со одговорните здравствени институции, а потоа експресно да почне со организација на „балон-системот“, со оглед на фактот дека по растот на бројките на заразени нормално одигрување на сезоната веќе очигледно станува невозможна мисија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА